Банките и штедилниците подготвуваат јавни понуди при што најголемиот дел од нив, вклучително сите големи банки, постигнаа усогласеност да се понуди одложено плаќање до 6 месеци за кредитокорисниците – физички лица

МАКЕДОНСКАТА БАНКАРСКА АСОЦИЈАЦИЈА ја информира јавноста дека во согласност со измените и дополнувањата на Одлуката за методологијата за управување со кредитниот ризик, коишто ги донесе Советот на Народната банка и со донесената Уредба со законска сила за начинот на промена на договорни услови на кредитни изложености кај банките и штедилниците, којашто влезе во сила на 27.3.2020 година, нашите членки, веќе започнаа со јавни објави за промени на договорните услови кои ќе се понудат на корисниците на кредитни производи во новонастанатите околности предизвикани од ширењето на КОВИД 19 вирусот.

За таа цел, на 26.03.2020 на иницијатива на Народната банка, беше организирана и телеконференција со банките и штедилниците, во којашто учествуваше и гувернерката на Народната банка, г-ѓа Анита Ангеловска-Бежоска. На телеконференцијата се дискутираше за можностите и начините за најдобриот можен пристап на банките и штедилниците за да се излезе во пресрет на потребите на граѓаните и економијата во новосоздадените кризни околности и во рамки на донесената регулатива од страна на Владата и од страна на Народната банка. Притоа, секоја банка и штедилница ги презентираше своите првични видувања за соодветните пристапи со коишто може да се олесни финансискиот товар на засегнатите кредитокорисници.

Во овој контекст ве информираме дека во меѓусебна координација, големото мнозинство на банки, вклучително сите големи банки, постигнаа усогласеност, преку своите понуди да овозможат одлагање на отплатата на кредитните обврски до 6 месеци за кредитокорисниците – физички лица, најдоцна до 30.09.2020 година.

Со тоа членките на Македонската Банкарска Асоцијација ја потврдуваат својата општествена одговорност да се излезе во пресрет на граѓаните и компаниите, кои веќе се соочуваат или во натамошниот период би можело да се соочат со големи проблеми заради корона-кризата.

Би сакале да нагласиме дека сите овие мерки, кои вклучуваат одложување на отплатите на кредитите, се наменети за оние физички лица и компании кои навистина се во неможност во овој период да продолжат со измирување на своите обврски спрема банките и штедилниците и други доверители заради престанок со работа на компаниите, губење на работни места, намалување на плати итн.

Се разбира сите оние кои се во можност да продолжат да отплаќаат, да го сторат тоа. На тој начин ќе покажат солидарност со сите оние на кои навистина им е потребна помош во текот на корона-кризата.

niksa

About niksa