Презентација на новиот ЕСГ прашалник пред компаниите-членки на Американската стопанска комора

Македонската банкарска асоцијација (МБА), во соработка со Американската стопанска комора во Северна Македонија (АмЧам), одржа презентација и обука за пополнување на новиот ЕСГ прашалник, наменета за компаниите од реалниот сектор. Настанот се одржа во просториите на АмЧам и претставува дел од активностите за поддршка на компаниите во процесот на интегрирање на одржливи и одговорни деловни практики.

На обуката присуствуваа компании-членки на АмЧам, кои имаа можност подетално да се запознаат со структурата, намената и начинот на пополнување на прашалникот, како и со неговата улога во процесот на прибирање и анализа на ЕСГ податоци.

ЕСГ прашалникот е подготвен од Комисијата за ЕСГ при Македонската банкарска асоцијација, со активно учество на сите банки во земјата и поддршка од релевантни институции. Станува збор за прв унифициран, задолжителен и дигитализиран прашалник што ќе се користи од страна на правните лица во Република Северна Македонија, почнувајќи од 1 април 2026 година.

Во рамките на презентацијата беа претставени и клучните области што ги опфаќа прашалникот, како што се еколошкото влијание на компаниите, општествената одговорност и управувачката структура, вклучително и политиките, процедурите и мерките за транспарентност и интегритет.

Со организирањето на оваа обука, Македонската банкарска асоцијација и Американската стопанска комора во Северна Македонија ја потврдуваат својата посветеност за поддршка на компаниите во процесот на усвојување на ЕСГ принципите, со цел поттикнување поодржлив и поодговорен деловен развој.

niksa

About niksa