Презентација и обука за пополнување на новиот унифициран ЕСГ прашалник
Македонската банкарска асоцијација (МБА), во соработка со Стопанската комора на Северна Македонија, организираше презентација и обука за пополнување на новиот унифициран ЕСГ прашалник, наменета за компаниите од реалниот сектор. Настанот се одржа во просториите на Стопанската комора и претставува дел од заедничките активности за поддршка на компаниите во процесот на интегрирање на одржливи и одговорни деловни практики.
На настанот присуствуваа околу 60 компании-членки на Стопанската комора, кои имаа можност подетално да се запознаат со структурата на прашалникот, неговата намена и начинот на негово пополнување.
ЕСГ прашалникот е подготвен од Комисијата за ЕСГ при Македонската банкарска асоцијација, со активно учество на сите банки во земјата и поддршка од релевантни институции. Станува збор за прв унифициран, задолжителен и дигитализиран прашалник што ќе се користи од страна на правните лица во Република Северна Македонија, почнувајќи од 1 април 2026 година.
Во своето обраќање, д-р Маја Стевкова Штериева, претседател на МБА, истакна дека прашалникот е изработен врз основа на меѓународни најдобри практики, прилагодени на карактеристиките на домашната економија, со цел да се обезбеди поунифициран пристап во прибирањето на ЕСГ податоците.
Целта на прашалникот е да овозможи подобар увид во начинот на кој компаниите управуваат со еколошките, социјалните и управувачките аспекти на своето работење. Преку неговото пополнување ќе се прошири опсегот на информации што се земаат предвид при носењето на кредитни одлуки, а компаниите ќе можат појасно да ги идентификуваат и управуваат со своите ЕСГ ризици и можности.
Во рамките на презентацијата беа претставени и клучните области што ги опфаќа прашалникот, како што се: еколошкото влијание на компанијата, општествената одговорност и управувачката структура, вклучително и политиките, процедурите и мерките за транспарентност и интегритет.
На настанот свои искуства за примената на ЕСГ принципите споделија и претставници од компаниите Макстил, Тиквеш и Алкалоид, кои истакнаа дека современото деловно опкружување сѐ повеќе ја нагласува потребата компаниите да демонстрираат одговорност што ги надминува финансиските резултати.
Со организирањето на оваа презентација и обука, Македонската банкарска асоцијација и Стопанската комора на Северна Македонија продолжуваат со активностите насочени кон поддршка на компаниите во процесот на усвојување на ЕСГ принципите и градење поодржлива и поконкурентна економија.








