Одржана трета работилница за ESG Прашалникот
На 26 март 2026 година, во просториите на Македонската банкарска асоцијација, беше реализирана и третата работилница посветена на ESG прашалникот, организирана од страна на Комисијата за ESG при МБА.
На работилницата присуствуваа повеќе од 40 претставници од банките членки на МБА, додека работните сесии овој пат ги модерираа претставници од работната група која учествуваше во изработката на прашалникот – г-а Сања Гичевска Докмановиќ и г-дин Владимир Ѓуровски, како и претседавачот и заменик-претседавачот на Комисијата, г-дин Богоја Китанчев и г-а Маја Ставрева Стојанова. На самиот крај на работилницата, Македонското кредитно биро ја презентираше техничката платформа која ќе се користи за имплементација на ESG прашалникот во рамки на банкарските процеси.

Фокусот на работилницата беше ставен на практичната примена на прашалникот, како и на унапредување на процесите за собирање и користење на податоци за одржливост, со цел поефикасна комуникација со клиентите. Воедно, активностите придонесуваат за јакнење на капацитетите на банкарскиот сектор и обезбедуваат поддршка за компаниите во нивната транзиција кон одржливи деловни модели.
Им изразуваме благодарност на сите учесници за нивната активна вклученост во работилниците досега. Преку заедничка соработка продолжуваме да ги поставуваме темелите за поодговорно и поодржливо функционирање на банкарскиот сектор.






