Ново на нашата страница: Водич за проценка и примена на технологии за обновлива енергија

Комисијата за ESG при Македонската банкарска асоцијација со задоволство го споделува Водичот за обновливи енергетски технологии, подготвен од Технолошкиот извршен комитет (TEC) во соработка со UNIDO и UNEP-CCC, како дел од серијата на публикации за Проценка на технолошки потреби (Technology Needs Assessment – TNA).

Овој Водич е создаден како практичен инструмент за идентификација, проценка и примена на технологии за ублажување и адаптација кон климатските промени, со посебен фокус на секторот за обновлива енергија. Тој ги вклучува принципите на праведна транзиција, родова еднаквост и национална усогласеност со климатските и развојните приоритети.

Зошто го објавуваме?

Објавувањето на овој документ претставува дел од заложбата на ESG Комисијата при МБА да обезбеди едукативни и стручни ресурси кои се достапни за сите засегнати страни – институции, бизниси, истражувачи, студенти и пошироката јавност. Водичот има силна едукативна цел, бидејќи на јасен и структуриран начин нуди знаења за технологиите за обновлива енергија и нивната примена, кои се клучни за иднината на нашата заедница и економија.

Енергетскиот сектор најмногу придонесува како во глобалните така и во македонските емисии на стакленички гасови. Забрзувањето на инсталирањето на технологии со нулта и ниска емисија е затоа клучно при исполнувањето на целите на Парискиот договор (чиј што потписник е и Македонија). Резултатите од глобална анализа според Парискиот договор ја нагласија клучната улога на обновливата енергија во постигнувањето длабоки, брзи и одржливи намалувања на емисиите на стакленички гасови.

Документот појаснува зашто изборот и примената на технологии за обновлива енергија не е само технички процес, туку општествен и економски избор, кој има потенцијал да ја трансформира енергетската иднина на една земја:

  1. Не постои универзално решение – изборот на технологии мора да биде контекстуализиран и базиран на локални услови, ресурси и потреби.
  2. Комбинирањето на повеќе технологии може да обезбеди поефикасно и посигурно енергетско снабдување.
  3. Потребна е долгорочна визија и поддршка преку политики, институции и финансии за да се овозможи широка имплементација.
  4. Вклучувањето на локалното население, жените, и ранливите групи е клучно за одржливоста и прифаќањето на технологиите.
  5. Процесите за избор и примена на технологии мора да бидат флексибилни и прилагодливи, бидејќи контекстите и околностите се менуваат.

Погледнете го документот (пдф) на следниот линк:
TNA Technologies for Climate change Mitigation in developing countries Renewable Energy

niksa

About niksa