Влијанието на странските кредитни линии и новиот унгарски кредит врз банкарството, приватниот сектор и економијата на Република Северна Македонија

РС Македонија, од нејзиното осамостојување во 1991 година, се смета за земја со економски систем во развој. Како таква, странските кредитни линии и монетарната помош претставуваат важни алатки за поттикнување на економскиот раст, модернизацијата на банкарскиот сектор и развојот на приватниот сектор.

Кредитите што најчесто се обезбедуваат преку меѓународни финансиски институции, како што се Европската инвестициска банка (ЕИБ), Европската банка за обнова и развој (ЕБРД) и Француската развојна агенција, имаат важна улога во поддршката на микро, малите и средните претпријатија (МСП), особено во насока на нивна дигитализација и премин на зелена транзиција.

Од 1993 година Европската банка за обнова и развој активно инвестира во РС Македонија. Оваа институција ја поддржува земјата во нејзината интеграција на регионалните и меѓународните пазари, особено преку соработка со клучни партнери, како што е Европската Унија (ЕУ). Иако постојат многу успешни проекти и примери на успешна соработка, би ја издвоила успешната соработка, инвестицијата во хотелот „Инекс Олгица“ во Охрид кој, со помош на финансии од ЕБРД, стана зелена туристичка дестинација на глобалниот пазар.

До февруари 2025 година Европската банка за обнова и развој има реализирано 197 проекти во РС Македонија со вкупни средства од 2,93 милијарди евра. Од нив, 1,7 милијарди евра се во кумулативни исплати, со 13 % удел на приватниот сектор. Ова инвестирање има директно позитивно влијание врз зацврстувањето на финансискиот систем и ја зголемува конкурентноста на домашните претпријатија.

Со зголеменото финансирање, особено преку кредитирање на МСП, многу македонски компании успеаја да инвестираат во нови иновации, технолошки решенија и проширување на производствените капацитети. Овие кредити, кои нудат поволни услови, помагаат да се намалат каматните стапки, да се подобри ликвидноста на компаниите и да се овозможи реализација на инвестиции во подолг рок, со поволен грејс-период пред почетокот на отплатата.

Во последните години Европската инвестициска банка ги фокусира своите кредитни линии кон економски одржливи проекти, особено во енергетската ефикасност и обновливите извори на енергија, што им помага на претпријатијата кон преминот во зелени технологии.

Во контекст на билатералната економска соработка, во последно време значајно внимание се посветува на унгарската кредитна линија. Овој специфичен модел на соработка не само што обезбедува пристап до поволни финансиски средства, туку и придонесува за технолошка модернизација и зајакнување на деловната соработка меѓу македонските и унгарските компании.


ЗНАЧЕЊЕТО НА УНГАРСКАТА КРЕДИТНА ЛИНИЈА ЗА УНАПРЕДУВАЊЕ НА КВАЛИТЕТОТ НА ЕКОНОМСКИТЕ СТАНДАРДИ И СТОПАНСКИТЕ КАПАЦИТЕТИ

Во текот на 2024 година РС Македонија доби еден од најголемите кредити во историјата на нејзината независност – кредит од Унгарија во висина од 250 милиони евра. Овој заем е наменет за инвестициско финансирање и развој на приватните трговски друштва, а средствата ќе бидат искористени во производствените дејности, вклучувајќи инвестиции во опрема, недвижности, обновливи извори на енергија и софтверски решенија. Министерството за финансии и Државната развојна банка се задолжени за реализацијата на овој кредит, кој ќе има долгогодишно и позитивно влијание врз економијата и стопанските капацитети на земјата.

Унгарската кредитна линија се карактеризира со поволни услови, што ја прави особено значајна за компаниите во РС Македонија. Минималниот износ по корисник е десет милиони евра, а рокот на отплата е до 15 години, со вклучен грејс-период од 3 години. Овие услови го прават кредитот многу атрактивен за македонските компании бидејќи фиксната каматна стапка од 1,95 % е значително пониска од пазарната каматна стапка во земјата, која изнесува околу 4,7 %. Ова ја намалува финансиската тежина на компаниите и им овозможува да развиваат нови проекти и да ги модернизираат своите производствени капацитети.

Средствата од овој кредит ќе бидат користени за:

  • Инвестиции во производствена опрема – унапредувањето на производствените процеси ќе доведе до зголемена ефикасност и конкурентност на македонските компании. Во контекст на глобалната економска криза и економските потреси, модернизацијата на производствените капацитети е клучна за обезбедување одржлив раст. Новата опрема ќе овозможи подобро искористување на ресурсите, намалување на трошоците и поголема продуктивност.
  • Инвестиции во недвижен имот – какви што се погони, фабрики и деловни објекти, кои ќе обезбедат поголем простор за проширување на капацитетите и нови производствени линии. Со овие инвестиции компаниите ќе можат да ја зголемат својата конкурентност на пазарот и својата способност да ја задоволат побарувачката за производи и услуги.
  • Превоз и логистика – инвестиции во транспортни средства и логистичка инфраструктура, кои се клучни за оптимизација на синџирите на снабдување и зголемување на ефективноста во производството. Во време кога глобалната конкуренција е сѐ поголема, способноста за брзо и ефективно движење на стоките и услугите е важен конкурентски адут.
  • Обновливи извори на енергија – за подобрување на енергетската ефикасност и намалување на трошоците за енергија, компаниите ќе инвестираат во обновливи извори на енергија, како што се соларни панели или ветрогенератори. Овие инвестиции не само што ќе ги намалат трошоците, туку ќе ги направат компаниите поеколошки одржливи, во согласност со европските стандарди за зелена економија.
  • Нематеријални средства – како што се инвестиции во софтверски решенија и дигитализација, кои ќе овозможат поефикасно управување со производните процеси, подобрена логистика, автоматизација на операциите и поголема точност во планирањето и управувањето со ресурсите. Во дигиталната ера, таквите инвестиции се неопходни за претпријатијата да бидат конкурентни на глобалниот пазар.

Контрола и мониторинг на средствата

Исплатата на средствата ќе се врши по доставување фактури, со цел да се обезбеди соодветна контрола над искористувањето на средствата и гарантира правилно трошење на заемот. Овој пристап осигурува транспарентност и ја минимизира можноста за злоупотреба на средствата, што е од суштинско значење за успехот на оваа кредитна линија.

Мониторингот на апликантите ќе го спроведуваат комерцијалните банки, кои ќе ги следат процедурите за одобрување и реализација на инвестициите. Банката ќе наплаќа камата од 1,9 % на средствата што ги исплаќа, додека каматата на државата кон нив е нула. Овој механизам ефикасно ќе ја осигури контролата на процесот и ќе обезбеди дека средствата се користат во согласност со предвидената намена.

Долгорочен ефект на македонската економија

Главниот ефект што се очекува од оваа кредитна линија е долгорочниот раст на приватниот сектор и подобрувањето на конкурентноста на македонските компании на домашниот и странскиот пазар. Со пониските каматни стапки и поволните услови за отплата, многу компании ќе имаат можност да ја модернизираат својата опрема и инфраструктура, што ќе доведе до зголемена продуктивност, иновации и инвестиции во нови технологии.

Дополнително, со поголемото присуство на компании што користат обновливи извори на енергија и технолошки иновации, македонската економија ќе направи значаен чекор напред во правец на зелена и дигитална трансформација, што е во согласност со стандардите на Европската Унија.

Значајни придобивки од оваа кредитна линија за македонските компании се:

  1. Поволни услови за кредитирање – каматната стапка од 1,95 % е многу пониска од пазарните камати и овозможува зголемена достапност на финансиски средства.
  2. Долгорочен рок на отплата – 15 години, со грејс-период од 3 години, што овозможува компаниите да ги реализираат инвестициите без притисок од раниот почеток на отплатата.
  3. Поддршка на производствените капацитети – инвестиции во опрема, инфраструктура и обновливи извори на енергија ќе ги зголемат продуктивноста и конкурентноста на македонските компании на домашниот и на меѓународниот пазар.

Оваа кредитна линија претставува клучен двигател за развојот на македонскиот приватен сектор, со посебен фокус на малите и средни претпријатија. Дополнително, со зголемената конкурентност овие компании ќе имаат можност да инвестираат во нови иновации, да ги модернизираат своите производствени капацитети и да ја подобрат енергетската ефикасност, што ќе има позитивен ефект врз целокупната економија на земјата.


ПРЕДНОСТИ И НЕДОСТАТОЦИ НА УНГАРСКАТА КРЕДИТНА ЛИНИЈА ЗА РС МАКЕДОНИЈА

Предности и недостатоци на унгарската кредитна линија за РС Македонија

Унгарската кредитна линија во висина од 250 милиони евра, која РС Македонија ја обезбеди како поддршка за приватниот сектор, претставува една од најзначајните финансиски иницијативи во поновата економска историја на земјата. Овој модел на билатерална економска соработка има потенцијал да поттикне економски раст, да го модернизира производствениот капацитет и да ја подобри конкурентноста на домашните компании. Сепак, покрај очигледните предности, ваквото кредитирање носи и одредени ризици и предизвици кои треба внимателно да се разгледаат.

– Предности

1. Пристап до капитал под поволни услови
Кредитната линија овозможува финансирање со фиксна каматна стапка од 1,95 %, што е значително пониска од просечните пазарни камати во земјата. Ова создава реална можност за компаниите да инвестираат во проширување, модернизација и дигитализација без да бидат под притисок на висок трошок за задолжување.

2. Фокус на производствени дејности
Средствата се наменети исклучиво за производствените компании, со што се поттикнува економија базирана на продуктивност, а не само на трговија или услужни дејности. Ова е клучен чекор за структурна трансформација на македонската економија.

3. Долгорочен период и грејс-период
Компаниите имаат рок за отплата до 15 години, со вклучен грејс-период од 3 години. Ова овозможува време за имплементација на инвестицијата, развој на пазарот и генерирање приход пред почетокот на отплатата.

4. Поддршка за зелена и дигитална транзиција
Дел од средствата може да се користат за инвестиции во обновливи извори на енергија и софтверски решенија. Ова им овозможува на компаниите да се движат во чекор со европските и глобалните еколошки и технолошки стандарди.

5. Поттикнување на македонско-унгарската економска соработка
Кредитната линија е, исто така, политичко-економски сигнал за продлабочување на односите меѓу двете земји, што може да отвори простор за нови заеднички проекти, трговија и инвестиции.

– Недостатоци

1. Финансиски товар за државниот буџет
Иако каматата за крајните корисници е 1,95 %, државата дополнително плаќа камата од 1,35 % кон унгарската Експорт-импорт банка. Овој трошок го покрива буџетот, што значи дека индиректно паѓа на грбот на даночните обврзници. Со други зборови, приватниот сектор добива субвенциониран капитал, но трошокот е социјализиран.

2. Државен ризик наместо банкарски
Во класично банкарство, банките го носат ризикот за лоши кредити. Во овој случај, ризикот го презема државата. Доколку дел од корисниците не ги вратат средствата, губитокот нема да го сноси банката, туку државата, односно граѓаните.

3. Прашање на издржаност на проектите
Банкарски експерти укажуваат дека квалитетот на поднесените проекти е клучен фактор за успешноста на оваа линија. Ако апликациите не бидат доволно издржани, постои ризик од неефикасно искористување на средствата и неможност за поврат.

4. Променет приоритет?
Некои економисти сугерираат дека овие средства можеле да бидат насочени кон финансирање на буџетскиот дефицит, кој изнесува околу 4 % од БДП. Во услови на растечки јавен долг, вложувањето на државен капитал во приватни компании наместо во фискална стабилност може да се смета за погрешна стратегија.

5. Зависност од политички и економски односи
Како билатерален договор, кредитната линија е во голема мера зависна од политичките односи со Унгарија. Доколку дојде до промени во надворешната политика, тоа може да влијае врз идни услови, поддршка или реализација на проектите.

Имајќи го предвид горенаведеното, можеме со право да кажеме дека унгарската кредитна линија носи голем потенцијал за заживување на македонскиот производствен сектор и создавање услови за долгорочен раст. Поволните услови, фокусот на индустријата и можноста за зелени и дигитални инвестиции се нејзините главни адути. Но, истовремено, таа носи ризици поврзани со јавниот долг, државниот буџет и квалитетот на проектите. Успехот на оваа иницијатива ќе зависи од одговорната реализација, транспарентноста на процесите и вистинската способност на домашните компании да создадат одржлив развој со добиените средства.


ЗАКЛУЧОК

Целокупниот опфат на теми, податоци и анализи обработени во овој труд укажува дека странските кредитни ресурси претставуваат значаен инструмент за поддршка на економскиот развој, модернизацијата на банкарскиот сектор и растот на приватниот бизнис во РС Македонија.

Како дополнение на домашните извори на финансирање, овие фондови овозможуваат пристап до капитал под поволни услови, што е од особена важност за малите и средните претпријатија (МСП), кои често се соочуваат со ограничен пристап до традиционалното банкарско кредитирање.

Унгарската кредитна линија, како дел од пошироката економска соработка меѓу РС Македонија и Унгарија, има конкретен ефект врз зајакнувањето на извозно ориентираните компании. Преку директна финансиска поддршка и поволности за набавка на унгарска опрема и технологии, се зголемува конкурентноста на домашните фирми, се поттикнува технолошкиот трансфер и се овозможува поголема продуктивност.

Сепак, за да се постигне долгорочен и одржлив ефект, неопходна е силна координација помеѓу државните институции, банкарскиот сектор и приватниот бизнис, како и транспарентност и ефективен надзор врз начинот на користење на средствата. Само преку таков пристап, странските кредитни линии – вклучително и унгарската – можат да придонесат за унапредување на економската структура и зацврстување на финансиската стабилност на државата.

Пишува:
Моника Милковска,

соработник во Служба за Корпоративна поддршка,
специјалист за странски кредитни линии, Шпаркасе банка АД Скопје

niksa

About niksa