Стефан Пепоски: Засилената автентикација ќе донесе поголема безбедност при онлајн плаќањата
Заменик-претседавачот на Комисијата за платежни картички и дигитално банкарство при Македонската банкарска асоцијација, Стефан Пепоски, во гостувањето во утринската програма на ТВ Сител говореше за придобивките од примената на засилената автентикација на корисниците (Strong Customer Authentication – SCA) при електронските плаќања со платежни картички.
„Промените што следуваат претставуваат усогласување на банките со барањата од член 124 на Законот за платежни услуги и платни системи, со кој во националното законодавство е транспонирана Директивата (ЕУ) 2015/2366 за платежни услуги (PSD2). Ова подразбира задолжителна примена на засилената автентикација на корисниците (SCA) при извршување електронски плаќања со платежни картички најдоцна од 1 март 2026 година“, истакна Пепоски.
Во пракса, за најголемиот дел од клиентите ова ќе значи дека при секое интернет-плаќање со картичка ќе биде потребен активен дигитален пристап до мобилната или апликација на банката, преку која ќе се потврдуваат трансакциите што бараат дополнителна верификација. Со примената на засилената автентикација, банките вршат динамичко поврзување на онлајн трансакцијата со конкретниот износ и конкретниот трговец (примач), што клиентот го потврдува на сигурен начин со што се намалуваат можностите за злоупотреби. При потврдување на плаќањето, клиентот директно во апликацијата ја гледа точната сума и точниот трговец кон кого се извршува плаќањето и го одобрува користејќи го договорениот метод на автентикација (биометрија, код за автентикација, М Токен и сл.).
Пепоски додаде дека со примената на засилената автентикација клиентите ќе станат значително поотпорни на измами и социјален инженеринг но останува потребата од задржување на високо ниво на внимателност, особено:
- при примање пораки и линкови од непознати испраќачи,
- при избегнување понуди што звучат нереално добро или „премногу евтино“,
- да не се споделуваат кодови, лозинки или лични податоци,
- и најважно: секогаш да се провери точниот износ и примач на плаќањето пред да се одобри трансакцијата.
Погледнете го целиот разговор тука:
… или на следниот линк – youtube.com/watch?v=xXo1jroxHMc




