Се одржа големото финале на Европскиот квиз на парите
Денес се одржа големото финале на Европскиот квиз на пари. Првото место го освоија претставниците на Република Унгарија, второто место го освоија претставниците на Република Ирска, додека третопласиран е тимот на Република Словачка.
Европското финале се одржа виртуелно со емитување во живо на ЈуТјуб (YouTube) каналот на Европската банкарска федерација, преку платформата Кахут (Kahoot!) на англиски јазик.
На натпреварот учество земаа и нашите национални победници Благоја Трајчески и Михаил Атанасовски од основното училиште „Св. Климент Охридски“ од Битола кои во конкуренција од 25 тима од 174 одделенија успеаа да го освојат првото место на националниот натпревар „Европски квиз на пари“ кој се одржа на 24 март 2021 година.
Националното натпреварување во рамки на Европскиот квиз на пари е еден од најмасовните настани од натпреварувачко-едукативен карактер наменет за ученици, организиран во земјава изминативе неколку години. Македонската банкарска асоцијација, во соработка со Народната банка и Комисијата за хартии од вредност и со поддршка од Министерството за финансии и Министерството за образование и наука по третпат го организира овој натпревар и е дел од овој значаен проект на Европската банкарска федерација.