Одржан семинар на тема ˝Early Warning Signals and Problem Loan Workout˝

На иницијатива на претседавачот и заменик-претседавачот на Комисијата за финансиско реструктурирање на корпоративен долг, г-а Златица Цивкароски и г-а Михаела Атанасова – Стоичовска, а во организација на Одделението за едукација при МБА, на 5 Февруари 2026 година беше одржан семинар на тема „Early Warning Signals and Problem Loan Workout“. Предавач на семинарот беше Juan Gamecho од JBS Training, експерт со меѓународно искуство во областа на управување со кредитен ризик и проблематични кредити.

Семинарот се фокусираше на идентификување на рани знаци на проблематични долгови кај малите и средни претпријатија, како и кај големите корпорации, и дополнително на методите за управување и решавање на проблематични кредити во контекст на Северна Македонија. Посебен акцент беше ставен на оние сегменти од деловното работење на компаниите кои треба внимателно да се анализираат со цел навремено препознавање на потенцијални знаци на финансиска криза кај корпоративните клиенти, како и на активностите што заемодавателите можат проактивно да ги преземат во соработка со менаџментот на клиентите, со цел да се избегне неплаќање.

Во рамки на семинарот беа опфатени следните клучни теми:

  • идентификација на клучни финансиски сигнали за рано предупредување (EWS), вклучувајќи проблеми со ликвидноста, финансиски коефициенти и Z-оценка индикатори;
  • проценка на оперативни, деловни и менаџерски ризици како нефинансиски сигнали за рано предупредување;
  • следење на надворешни ризици преку пазарна и PESTEL анализа;
  • идентификација на рани симптоми на неуспех, како што се проблеми со обртен капитал, претерување со тргување и различни фази на корпоративна криза;
  • преземање рани корективни мерки и проактивно ангажирање со клиентите при појава на сигнали за рано предупредување.

Семинарот овозможи сеопфатен преглед на главните сигнали за рано предупредување низ различни индустрии, засновани на меѓународна практика. Преку анализи и практични примери, учесниците добија појасна слика за потенцијалните ризични области што може да се идентификуваат во рамки на процесот на кредитно следење, како и за почетните корективни чекори што може да се преземат со цел да се спречи понатамошно влошување на финансиската состојба на клиентите.

Со фокус на студии на случај од реалниот живот, особено од балканскиот регион, семинарот им овозможи на учесниците стекнување на практични знаења и силен увид во клучните чекори што можат да се преземат за навремено управување со ризиците и избегнување сценарија со проблематични долгови.

niksa

About niksa