МБА ГИ ПРЕТСТАВУВА НОВОИМЕНУВАНИТЕ ЧЕЛНИЦИ НА КОМИСИИТЕ: МАНУЕЛА СТАНОЕВСКА СТОИЛКОВСКА – ЗАМЕНИК ПРЕТСЕДАВАЧ НА КОМИСИЈАТА ЗА ЗАШТИТА НА ЛИЧНИТЕ ПОДАТОЦИ
Македонската банкарска асоцијација ги претставува новоименуваните челници на комисиите кои како постојани работни тела функционираат во рамките на Асоцијацијата: Мануела Станоевска Стоилковска – заменик претседавач на Комисијата за заштита на личните податоци
Собранието на Македонската банкарска асоцијација, на седницата одржана на 12.02.2026 година за заменик претседавач на Комисијата за заштита на личните податоци при МБА ја избра и именува Мануела Станоевска Стоилковска, офицер за заштита на личните податоци во Халк банка АД Скопје.
Мануела Станоевска Стоилковска е докажан професионалец во областа на заштитата на личните податоци, со 17 години работно искуство во оваа специфична област.
Мануела Станоевска Стоилковска има богато и разновидно искуство и експертиза во оваа значајна област, кое го гради повеќе од 13 години најпрвин како вработена во Агенцијата за заштита на личните податоци во својство на инспектор и виш супервизор над примената на прописите за заштита на личните податоци над контролори од приватниот и јавниот сектор, претседател на Комисијата за спроведување обуки за заштита на личните податоци, долгогодишен предавач на обуки на теми од различни сегменти од областа заштита на лични податоци и информациска сигурност, заменик претседател на Комисијата за прекршоци при АЗЛП, раководител на Одделението за нарушувања на безбедноста на обработката на личните подтоци. Воедно е директно вклучена во транспонирањето на General Data Protection Regulation (GDPR) во Законот за заштита на личните податоци и изработката на подзаконските акти од оваа област. Понатаму, по преминувањето во приватниот сектор работи краток период како офицер за заштита на личните податоци во телекомуникацискиот сектор, а сега е дел од тимот на Халк банка АД Скопје како офицер за заштита на личните податоци, со фокус на усогласеност со прописите за заштита на личните податоци, подигање на свеста за значењето на заштита на личните податоци и на безбедноста на обработката на личните податоци на клиентите особено во дигиталната трансформација на процесите.
Дополнително, учествува на бројни меѓународни конференции, семинари, студиски посети, обуки и работилници, надградувајќи го својот професионален интегритет и експертиза во областа заштита на личните податоци.
Уникатниот и редок спој на теорија и пракса (како директно вклучена во изработката на Законот за заштита на личните податоци и подзаконските акти, вршењето надзор/супервизија над примената на прописите за заштита на личните податоци, обучувач и едукатор, изработување на мислења за правни акти и прашања од областа од една страна, а од друга страна како имплементатор во својство на офицер за заштита на личните податоци), создава додадена вредност на мисијата на Комисијата за заштита на личните податоци при МБА.




