Комисија за сметководство, даноци и меѓународни стандарди за финансиско известување (МСФИ)
Во насока на промоција и презентација на Македонската банкарска асоцијација (МБА) пред јавноста, во следните месеци ќе ги презентираме комисиите кои како постојани работни тела функционираат во рамките на МБА и нивните челници.
КОМИСИЈА ЗА СМЕТКОВОДСТВО, ДАНОЦИ И МСФИ
Претседавач на Комисија за сметководство, даноци и МСФИ стандарди е Донка Марковска, директор на Сектор за финансиско управување во НЛБ БАНКА АД – Скопје, а заменик-претседавач е Д-р Вики Русевска Твртковиќ, директор на Сектор за Буџетирање и Финансиско известување во СТОПАНСКА БАНКА АД Скопје.
Комисијата за сметководство, даноци и МСФИ стандарди претставува постојано работно тело кое делува во рамки на Македонската банкарска асоцијација и е формирана од самото основање на Македонската банкарска асоцијација. Нејзина цел е делување и преземање на активности во насока на ефикасно остварување, унапредување и заштита на интересите на членовите на Македонската банкарска асоцијација во областа на за сметководство, даноци и МСФИ.
Постојани членки на комисијата се сите банки и штедилници, Клириншка Куќа и Македонско Кредитно Биро. Од 2023 година, Комисијата соработува и со КБ Прво пензиско друштво АД Скопје на теми од заеднички интерес.
Основна функција на Комисијата за сметководство, даноци и МСФИ стандарди е да го зајакнува целиот банкарски и финансиски систем преку:
- Следење на законските, подзаконските прописи и останатите акти во доменот на сметководствените и даночните прашања и овозможување правилна примена во согласност со интересите на членките,
- Проучување и анализирање на сметководствени и даночни аспекти и прашања што се однесуваат на работењето на членките, како и давање стручни мислења, совети, информации, препораки и носење заклучоци за истите,
- Усогласување на ставовите на членките по однос на сметководствените и даночните прашања од доменот на нивното работење и учество во креирање на јавното мислење за истите,
- Искажување на интересите на членките преку комуникација и соработка со сите надлежни органи и институции кои ги подготвуваат и предлагаат нормативните акти во делокругот на сметководствената и даночната регулатива, како и подготвување иницијативи и барања за нивно изготвување, изменување и дополнување во согласност со потребите и интересите на членките,
- Следење и проучување на праксата од работењето на управните и други органи која се однесува на правилна и единствена примена на нормативните акти од доменот на сметководствотството и даноците во работењето на членките и во таа насока усогласување на ставовите и мислењата во комуникација со надлежните органи и комори,
- Организирање стручни расправи од доменот на сметководствените и даночните прашања.
Претседавач на Комисија за Сметководство, Даноци и ИФРС Стандарди е Донка Марковска, директор на Сектор за финансиско управување во НЛБ БАНКА АД – Скопје. Како долгогодишен менаџер во банкарскиот сектор, активно учествува во работата на здружението на банките при Стопанската комора на РСМ, а потоа и во Македонската банкарска асоцијација.
Функцијата заменик – претседавач на Комисијата ја обавува д-р Вики Русевска Твртковиќ, директор на Сектор за буџетирање и финансиско известување на Стопанска банка АД Скопје и Овластен сметководител. Со повеќе од 20-годишно искуство во банкарството, има учествувано во повеќе различни развојни проекти за имплементација на регулативата од областа на сметководството и изготвувањето на финансиските извештаи.