Интервју со д-р Глигор Бишев, како претставник на МБА во емисијата Економски Магазин
Д-р Глигор Бишев, претседател на Управниот одбор и генерален извршен директор на „Шпаркасе Банка Македонија АД Скопје”, како претставник на МАКЕДОНСКАТА БАНКАРСКА АСОЦИЈАЦИЈА беше гостин во емисијата Економски Магазин на АЛСАТ ТВ.
Во понудите на банките, во грејс периодот ќе се пресметува камата. Нели е ова дополнително оптоварување за граѓаните?
БИШЕВ: Банките се посредници помеѓу тие што штедат и тие што земаат кредити. Од тој аспект на тие што штедат банките ќе им исплатат камата, а тие што имаат земено кредити, истата ќе ја платат на одложено по 6 месеци на еднакви месечни рати. Инаку, населението е нето штедач, односно доверител на банките. Вкупните депозити на населението на 29 февруари 2020 година изнесуваа 275 милијарди денари или 4,5 милијарди евра. Истовремено, од банките на истиот датум населението користеше кредити во износ од 174 милијарди денари или 2,8 милијарди евра. Така, на нето основа, населението имаше заштеди во банките од 1,7 милијарди евра или населението во просек на еден денар кредит има 1,6 денари заштеда. Се разбира, тоа е гледано во целина. Нo, одредени семејства штедат и добиваат камата, а други семејства земаат кредити и плаќаат камата. Од тој аспект бнките се инфраструктурата на една економија, како автопатите, само наместо возила низ банкарската инфраструктура се движи штедењето и плаќањата во земјата и кон странство.
Има кредити за граѓани со по 100, 200 евра месечна камата. За шест месеци дали ова значи зголемување на кредитите од 600 до 1.200 евра?
БИШЕВ: Согласно одлуката на НБРСМ и Владата, плаќањето се одложи на функционалните кредити, на клиентите што се солвентни, рангирани во А, Б и В. Солвентни значи вие имате долготраен капацитет да го враќате кредитот, а денес заради панедмијата од светски рамки се соочувате со одредени ликвидносни проблеми. Овие проблеми се очекува да бидат отстранети со завршување на кризата со Корона вирусот. Затоа, долгорочно гледано клиентите остануваат во групата на функционални кредити со висок капацитет за отплата на кредитите.
При тоа, Шпаркасе Банка Македонија, и најголемиот број на банки исто така, го продолжуваат рокот на отплата на кредитот за 6 месеци, така да не доаѓа до зголемување на идната рата. Таа останува приближно иста.
Дали е ова согласно Уредбата на Владата?
БИШЕВ: Да. Затоа е оставена и можност, секој што не се соочува со ликвидносни проблеми на доброволна основа да продолжи да ги измирува обврските. На тоа апелира и Македонската Банкарска Асоцијација. Најразорно за една национална економија е да ја оштетите инфраструктурата што се нарекува стабилен финансиски сектор. Тоа не е цел на донесената регулатива. Не е цел да се поткопа финансиската дисциплина. Цел е да му се помогне на населението во овие тешки моменти преку одлагање на измирување на обврските.
Зошто мора да се пресметува камата во грејс периодот и дали со ова банките не го избегнуваат повикот сите да понесат дел од товарот на кризата?
БИШЕВ: Веќе одговорив на ова прашање. Пресметаната камата во најголем дел оди за плаќање на камата на депозитите, за кирии, за струја, за плати на вработените, за ИТ трошоци. Многу мал дел од каматата оди за профит на акционерите. Голем дел од банките ја покажаа својата солидарност: донираа средства за здравството, се откажаа од провизиите за плаќање по електронски пат, го платија данокот на добивка за цека година однапред.
На крај сакам да потсетам дека банките се јавно добро. Кога тие се здрави и стабилни, целокупното општество е здраво и просперитетно. Нестабилен и руиниран банкарски сектор води кон длабока и долгорочна рецесија и исклучување на земјата од приливот на капитал од странство.
Како јавно добро, обврска на сите нас е да ја сочуваме неговата стабилност, особено тоа е наша обврска, на менаџерските тимови на банките.
Видеото од интервјуто на д-р Глигор Бишев во емисијата Економски Магазин на АЛСАТ ТВ…