Европскиот квиз на пари обедини ученици од 30 земји за унапредување на финансиските вештини, македонските тинејџери вицешампиони
Италијанскиот тим победи на Европскиот квиз на пари, најголемото натпреварување за финансиска писменост во Европа за ученици на возраст од 13 до 15 години, организирано од Европската банкарска федерација (ЕБФ). Националните победници од 30 земји се собраа во Брисел за да се натпреваруваат за титулата европски шампиони.
Нашите национални победници, учениците Марин Христоски и Алексеј Мицкоски од ООУ „ Кире Гавриловски- Јане“ од Прилеп под менторство на наставничката Соња Јорданоска, го освоија второто место. Шведска го обезбеди третото место.
Вим Мајс, извршен директор на Европската банкарска федерација, изјави:
„Исклучително сме горди што ја организираме деветтата по ред Европска верзија на Квизот за Пари – јасен показател за силната заложба на банкарскиот сектор, заедно со училиштата учеснички, за подобрување на финансиските вештини. Натпреварот продолжува да расте и да се развива, со тоа што годинава првпат ни се приклучија Бугарија и Кипар. Возбудата и енергијата на финалето денес беа опипливи – навистина бевме импресионирани од знаењето и ентузијазмот на учесниците. Финансиската писменост е клучот што може да отвори сигурна иднина. Осигурувањето дека младите Европејци ќе ги развијат вистинските вештини и ставови од рана возраст е од суштинско значење.“

Квизот ги предизвика учениците со прашања од суштински финансиски теми релевантни за тинејџерите, вклучувајќи долгорочно планирање, стратегии за заштеда, разбирање на криптовалути, свесност за сајбер безбедност и одговорно управување со кредити.
Оваа година, 73.054 ученици од 2.877 училишта од 30 земји учествуваа на натпреварот. Шеесет ученици се квалификуваа за Европското финале во Брисел, придружувани од наставници и претставници на националните банкарски здруженија. Дводневната програма вклучуваше завршна рунда на квизот, посета на Wikifin Lab при Белгиската агенција за финансиски услуги и пазари, церемонија на ѕвонење на берзанското ѕвоно на Euronext берзата, како и посета на Парламентаруимот – посетителскиот центар на Европскиот парламент.
Во изданието за 2025 година учествуваа 30 земји: Албанија, Австрија, Бугарија, Кипар, Чешка, Данска, Естонија, Финска, Германија, Грција, Унгарија, Исланд, Ирска, Италија, Латвија, Литванија, Луксембург, Малта, Норвешка, Полска, Португалија, Република Северна Македонија, Романија, Србија, Словачка, Словенија, Шпанија, Шведска, Турција и Украина.
Финансиската писменост е од суштинско значење за сигурно и отпорно општество. Европската комисија неодамна најави Европска стратегија за финансиска писменост, која треба да биде објавена подоцна оваа година. Иако веќе постојат бројни иницијативи за финансиска писменост на национално ниво, во приватниот сектор и преку невладини организации, претстојната стратегија на Комисијата претставува можност за подобра координација на тие напори. Како долгогодишен застапник во оваа област, ЕБФ е подготвена да даде свој придонес во оваа важна иницијатива.