Претседателот Пендаровски во посета на Македонска банкарска асоцијација
На работната средба претседателот на Република Северна Македонија, д-р Стево Пендаровски, дискутирашe за предизвиците на банкарскиот сектор.
Претседателот на Република Северна Македонија, д-р Стево Пендаровски, денес одржа работна средба со Македонската банкарска асоцијација на која се дискутираше за значајни теми за банкарскиот сектор во нашата земја и предложените нови законски решенија кои треба да бидат усогласени со правната регулатива на Европска Унија.
По презентацијата за Македонската банкарска асоцијација и банкарскиот сектор во земјава од страна на претседателката, д-р Маја Стевкова Штериева, и заменик претседателот, м-р Тони Стојановски, и запознавањето кои се предизвиците на банкарскиот сектор во период што доаѓа претседателот Пендаровски истакна дека основа за натамошен развој на земјата, а со тоа и на банкарскиот сектор, е правната сигурност.
– Владеењето на првото и правната држава неминовно е предуслов за водење на сите на бизниси и за банкарскиот сектор. Ако сакате и голем број од иселувањата на наши граѓани се резултат на правната несигурност. Ние и по 30 години независност не можеме да се пофалиме со етаблиран соодветен правен систем без разлика која политичка гарнитура била на власт и, оттаму, она што го направивме во последните две и пол години и сме на прагот на полноправно членство во НАТО и до преговори со Европската унија е еден од предусловите за владењето на правото. Расчистувањето на последните афери е тест за правната држава.
Претседателот Пендаровски дополни дека во неговиот кабинет има тим за економски прашања со кој може да се комуницира, а откако ќе го разгледаат од нивен аспект и ќе комуницираат со луѓе познавачи на проблематиката ако е потребно ќе контактираат со Владата. Истовремено тој нагласи дека, во рамки на неговите надлежности, МБА ќе ја има неговата поддршка и упати молба за комуникација со неговиот кабинет за сите закони кои го засегаат банкарскиот сектор.
– Во однос на транзиционите рокови, кои ги споменуваме дека се куси, вашата асоцијација, според мое длабоко уверување, треба да биде дел од преговорите, бидејќи вие најдобро од сите нас ги познавате европските правила и прописи, дополни Пендаровски.
На средбата претставниците на МБА, во која членуваат сите банки во земјава, двете штедилници, Клириншката куќа КИБС и Македонското кредитно биро, се разговараше за работниот текст на Законот за платежни услуги и платежни системи, одданочување на каматите и капиталните добивки и потребата од зајакнување на правната сигурност.
Презентацијата: