ОБЈАВЕНО ВО МЕДИУМИ

КОСТА МИТРОВСКИ – БАНКАР НА ГОДИНАТА

 

Градењето на силен банкарски сектор во Македонија претставува исклучителен важен сегмент за целокупниот, ефикасен раст на економијата..

Во текот на своето работење, г-дин Коста Митровски го достигнува врвот во кариерата во банкарството со формирањето на Здружението за остварување на заеднички интерес на банките и унапредување на нивното работење МАКЕДОНСКА БАНКАРСКА АСОЦИЈАЦИЈА Скопје и негово именување од страна на Собранието, како претседател на Македонска банкарска асоцијација.

Г-дин Коста Митровски, преку своите умешни активности и поддршка од страна на банкарскиот сектор успеа да го направи гласот на банкарите уште посилен, со обединување на банкарите во стручно, специјализирано здружение кое функционира како посебно правно лице, а не само како стручен облик на организирање во рамки на Стопанската комора на Македонија.

Македонската банкарска асоцијација (МБА) преку својата ефикасно-постојана работа за кратко време успеа да даде значаен придонес кон развој на регулативите на правниот поредок на државата и на многу ефикасен начин да ги артикулира интересите и барањата на банкарскиот сектор, по примерот и искуствата на останатите земји во ЕУ и регионот.

2018-та година беше преодна година, во која преку постојан труд, несебична поддршка и макотрпна работа успеаа да се превземат и реализираат многу активности и настани преку кои се покажува придонесот на МБА и г-дин Коста Митровски, како нејзин прв претседател.

КОСТА МИТРОВСКИ: ГЛАСОТ НА БАНКАРИТЕ ОТСЕГА ЌЕ БИДЕ МНОГУ ПОСИЛЕН

Банкарскиот сектор во Македонија е многу важен за целокупната економија и оттука сметаме дека преку Македонската банкарска асоцијација, ќе можеме да дадеме многу поголем придонес кон развој на регулативата и на многу подобар начин ќе можат да се артикулираат интересите и барањата на банкарскиот сектор. МБА, чии членки се 15-те банки и 2-те штедилници во РМ, е единственото правно лице и облик на здружување преку кое нејзините членови ќе дејствуваат и ќе ги остваруваат поставените цели и задачи.

 

Неодамна беше основана Македонската банкарска асоцијација која ќе функционира како стручен облик на организирање на банкарските институции. Која е целта на оваа Асоцијација и како ќе функционира?

Како придружен член на Европската банкарска федерација со седиште во Брисел, Здружението на банкарство кое делуваше како стручен облик на организирање во рамките на Стопанската комора на Македонија, имаше неминовна потреба од трансформација во самостоен правен субјект по примерот и искуствата на останатите земји, како од ЕУ, така и од нашиот регион.

Во април годинава се одржа Основачко собрание на Македонска банкарска асоцијација, која ќе функционира како здружение за остварување на заедничките интереси на банките и унапредување на нивното работење а веќе на 27 и 28 мај 2018 во Скопје Македонска банкарска асоцијација Скопје беше домаќин на 46-тиот состанок на асоцијативните членки на Европската банкарска федерација.

На состанокот кој го отвори и водеше Вим Мијс, претседател на Европската банкарска фердерација, и на кој присуствуваа претставници на банкарски асоцијации асоцијативни членки и членки на Европската банкарска федерација од повеќе земји – беше поздравено основањето на Македонска банкарска асоцијација.

Банкарскиот сектор во Македонија е многу важен за целокупната економија и оттука сметаме дека овој начин на стручно организирање на секторот, преку посебен правен субјект ќе може да даде многу поголем придонес кон развој на регулативата и на многу подобар начин ќе можат да се артикулираат интересите и барањата на банкарскиот сектор.

Кои се основачи и членови на Македонската банкарска асоцијација?

Како основачи на Македонската банкарска асоцијација се јавуваат 15-те банки и 2-те штедилници основани во Република Македонија, кои работат согласно одредбите од Законот за банките и поединечните акти донесени од гувернерот на Народната банка на Република Македонија.

Основањето на Македонската банкарска асоцијација како посебно правно лице беше едногласно прифатено од сите банки.

Јас бев едногласно избран за претседател на Македонската банкарска асоцијација во наредниот четири годишен период, а за заменик-претседател беше избран Тони Стојановски, генерален директор за управување со ризици и член на управен одбор на Стопанска Банка АД Скопје.

Инаку, член на Македонската банкарска организација може да биде и правно лице основано од банки во Република Македонија или во нивна сопственост и очекуваме наскоро да ни се приклучат и нови членови.

Во мај годинава се одржа првата седницa на Собранието на Македонската банкарска асоцијација на која се утврдија основните белези на асоцијацијата и беа разгледани најактуелните прашања во однос на банкарската регулатива во земјата.

Дали тоа значи дека банките веќе не се членови на Стопанската комора на Македонија, каде досега функционираше Здружението на банкарство?

Секоја банка одделно може да биде членка во други здруженија или комори, но Македонската банкарска асоцијација е единственото правно лице и облик на здружување преку кое нејзините членови ќе дејствуваат и ќе ги остваруваат поставените цели и задачи.

Кои се целите на Македонската банкарска асоцијација?

Главна цел на новоформираната Македонска банкарска асоцијација е да го унапреди банкарското работење и банкарскиот сектор во земјата, како и да го зголеми веќе значајниот банкарски допринос во националната економија.

Како посебни цели на Асоцијацијата се oлеснување и унапредување на работењето на банкарскиот сектор, овозможувајќи им на членовите да го зголемат или подобрат нивниот резултат, како и пружање на стручна помош за решавање на тековните проблеми во дејноста, застапување на заедничките интереси на членовите во комуникацијата со Народната банка на Република Македонија и сите останати надлежни органи за проблемите кои се јавуваат како резултат на примената на законите, останатите прописи и мерки во областа на банкарството и финансиите. Понатаму, развој на регулаторната рамка за вршење на дејностите на членовите, делување според принципите на взаемност, професионалност, општествена одговорност и развивање на високи етички стандарди на струката, заштита на заедничките интереси на членовите, подобрување и зголемување на продуктивноста на нивното делување, како и обезбедување на еднакви пазарни услови во однос на другите дејности, со почитување на начелата на самостојност и независност во работењето.

Како ќе работи и како е организирана новата Македонска банкарска асоцијација?

Со Македонска банкарска асоцијација ќе управуваат нејзините членови непосредно или преку избраните претставници во органите. Седиштето на Асоцијацијата е во нови простории во кои ќе се реализираат сите активности.

Органи на управување се Собранието и Претседателот на Асоцијацијата.

Асоцијацијата има и извршен секретар задолжен за организиција на оперативното работење и логистичка поддршка на органите на управување, Комисиите и другите форми на организирање.

Предвидените активности и програмата за работа Македонската банкарска асоцијација ќе ги спроведува преку своите органи, но исто така преку посебни комисии кои се формирани во рамки на Здружението уште со самото негово основање, како Комисија за спречување перење пари и усогласеност со прописи, Правна комисија, Комисија за сметководство, даноци и МСФИ, Комисија за ризици, Комисија за ликвидност, Комисија за платен промет во земјата и странство, Комисија за документарно работење и Комисија за информативна сигурност на банките.

Преку овие комисии ќе се разгледуваат сите прашања во врска со унапредувањето на работењето и решавањето на сите тековни прашања и проблеми во дејноста, ќе се разгледуваат предлози на закони и други прописи и ќе покренуваат иницијативи за донесување и за измени и дополнувања на соодветните закони и прописи, ќе работиме на унапредување на бизнис климата во земјата, на унапредување на меѓународната соработка.

Членовите на Македонската банкарска асоцијација плаќаат различна членарина во согласност со усвоени критериуми. Но, кога станува збор за донесување на одлуките сите се еднакви, односно сите членови на Собранието на Македонската банкарска асоцијација имаат право на глас во носењето на одлуките, претставени преку еден свој претставник.

Македонската банкарска асоцијација во своето работење ќе се придржува кон начелата на независност, јавност и транспарентност, непрофитност, непартиско делување, иницијативност во јавниот живот, слободно пазарно работење и неограничување на конкуренцијата.

Какви активности планирате да преземете за развојот на банкарскиот систем или каква корист ќе имаат банките од членувањето во оваа Асоцијација?

Прво, сите банки организирани преку Асоцијацијата ќе имаат многу поголемо влијание и придонес при донесувањето и уредувањето на регулативата која го регулира нивното работење. Преку ова Здружение, гласот на банкарскиот сектор, кој е многу важен за развојот, ќе биде многу посилен.

Македонската банкарска асоцијација ќе ги промовира своите цели и задачи и ќе придонесува за развој на свеста за професионални и етички прашања поврзани со банкарството и банкарскиот сектор, вклучувајќи и развој на финансиската едукација на клиентите, преку организирање конференции, советувања, едукативни настани, работилници, кампањи, јавни акции, изложби и други настани.

Во врска со финансиската едукација, на втората седница на Собранието беше донесена одлука нашата асоцијација да учествува во Европскиот квиз за пари– проект на Европската банкарска федерација за едукација на ученици од 13 до 15 години.

Понатаму ќе се воспостави директна соработка со релевантни научни и стручни организации и институции, како и сродни здруженија, асоцијации и нивни членови во земјата и во странство, обука на банкарски работници и регрутирање, промоција и развој на квалитетни човечки ресурси преку развивање на волонтерска пракса, издавање на книги, брошури, прирачници и други стручни публикации и слични периодични изданија,   редовно известување на јавноста за работењето, соопштенија за тековните активности и програмските задачи преку посебна интернет страница со ажурирани податоци, како и користење на Вас медиумите.

Формирана Македонска банкарска асоцијација, Коста Митровски избран за претседател

На 20 април 2018 година во Скопје се одржа Основачко собрание на Здружение за остварување на заеднички интереси на банките и унапредување на нивното работење, МАКЕДОНСКА БАНКАРСКА АСОЦИЈАЦИЈА.

Здружението на банкарството, делувајќи како стручен облик на организирање и работење во рамките на Стопанската комора на Македонија, во досегашниот период оствари значителни резултати во унапредувањето на најдобрите банкарски стандарди во Република Македонија, тргнувајќи од интересите на сите негови членки како и интересите на финансискиот систем и економијата на Република Македонија.

Како придружен член во Европската Банкарска Федерација со перспективи за полноправно членство во рамките на процесот на евроинтеграции на Република Македонија, Здружение на банкарство имаше неминовна потреба од трансформација во самостоен правен субјект по примерот и искуствата на сите останати земји, како од ЕУ, така и од нашиот регион. Здружението на банкарството го продолжува своето работење како самостоен правен субјект, Здружение за остварување на заеднички интереси на банките и унапредување на нивното работење МАКЕДОНСКА БАНКАРСКА АСОЦИЈАЦИЈА.

Основачи на МАКЕДОНСКАТА БАНКАРСКА АСОЦИЈАЦИЈА се правни лица – 15 банки и 2 штедилници основани во Република Македонија, кои работат согласно одредбите од Законот за банките и поединечните акти донесени од гувернерот на Народната банка на Република Македонија.

За Претседател на МАКЕДОНСКАТА БАНКАРСКА АСОЦИЈАЦИЈА во наредниот 4 годишен период едногласно беше избран г. Коста Митровски, Главен извршен директор и Претседател на Управен одбор на Универзална Инвестициона банка АД Скопје.
За заменик-Претседател беше избран г. Тони Стојановски, Генерален директор за управување со ризици и член на Управен одбор на Стопанска Банка АД Скопје.