ПРЕТСЕДАТЕЛСТВО

Коста Митровски
Претседател на Македонската банкарска асоцијација

Господинот Коста Митровски, за претседател на Македонската банкарска асоцијација е назначен од самото формирање на Асоцијацијата (20 април 2018 година), како самостојно тело за остварување на заедничките интереси на банките и унапредување на нивното работење.

Господинот Коста Митровски започнува со работа во Универзална инвестициона банка – АД – Скопје во 2003 година како директор на мрежа на експозитури. Од 2004 година ја извршува должноста генерален директор на Универзална инвестициона банка – АД – Скопје (УНИ банка), а од 2008 година до 2016 година е именуван за извршен директор и претседател на Управниот одбор на УНИ банка.

Со новата Организациона структура, во мај 2016 година господинот Коста Митровски е избран и именуван за главен извршен директор (CEO) и претседател на Управниот одбор на УНИ банка.
Пред да се приклучи на Универзална инвестициона банка АД, господинот Митровски беше дел од „Транспортшпед“ – Скопје, извршувајќи ја функцијата генерален и финансиски директор, а истата функција во периодот од 1996 -1999 година ја извршуваше и во „Kine Nagel“ – Скопје, како и многу други успешни раководни функции.

Покрај својата позиција во Банката и пред формирањето на Македонската банкарска асоцијација, господинот Митровски во март 2016 година беше избран за претседател на Здружението на банкарството при Стопанската комора на Македонија.

Тони Стојановски
Заменик-претседател на Македонската банкарска асоцијација

М-р Тони Стојановски е генерален директор за управување со ризици и член на Управниот одбор на Стопанска банка АД – Скопје (од јули 2010 година), во период кога Банката бележи извонредни резултати. На оваа позиција доаѓа од Народната банка на Република Македонија каде што имаше успешна долгогодишна кариера која кулминира со позицијата в.д. генерален директор на Секторот за супервизија, банкарска регулатива и финансиска стабилност.

Како магистер по економски науки од областа на монетарната економија и банкар со долгогодишно искуство на одговорни позиции во Народната банка на РМ и во комерцијалното банкарство, господинот Стојановски има значаен придонес во развојот на банкарството во земјата, активно учествувајќи во Здружението на банкарството при Стопанската комора на Македонија, во периодот пред формирањето на Македонската банкарска асоцијација, во Академскиот совет и во Управниот одбор на Академијата за банкарство и информатичка технологија (од јуни 2014 година), во Одборот на директори на Македонска берза АД – Скопје (неизвршен член од ноември 2016 година) и преку многу други активности. Во периодот од 2014-2018 година ја извршува функцијата претседател на Надзорниот одбор на Стопанската комора на Македонија.

На позицијата заменик-претседател на Македонската банкарска асоцијација е назначен на 20 април 2018 година со самото формирање на Асоцијацијата како самостојно тело за остварување на заедничките интереси на банките и унапредување на нивното работење.

Милена Перчинкова
Извршен секретар на Македонската банкарска асоцијација

М-р Милена Перчинкова е извршен секретар на Македонската банкарска асоцијација од самото основање. На оваа позиција доаѓа од Стопанската комора на Македонија каде ја извршуваше функцијата секретар на Здружението на банкарството и раководител на Советот на странски инвеститори.

М-р Перчинкова своето долгогодишно работно искуство во областа на банкарството го започнува во Комерцијална банка АД – Скопје, а подоцна се приклучува на тимот на Кредитна банка АД – Скопје, каде извршува раководни функции.

Во периодот од 2008 до 2016 година м-р Перчинкова е генерален директор и член на Управниот одбор на АЛФА банка АД – Скопје и СИЛК РОУД банка АД – Скопје.

Во текот на своето работење м-р Перчинкова придонесува за развојот на финансиските пазари во Република Македонија, како претседател на АЦИ Македонија – Здружение за финансиски пазари (од 1997 до 2008 година).

Во периодот од 2012 до 2016 година е член на Управниот одбор на Стопанската комора на Македонија.

М-р Перчинкова од 2013 година е претседател на Одборот за соработка и доверба со јавноста на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, а од ноември 2017 година е член на Управниот одбор на Фондот за осигурување на депозити на Република Македонија.