Склучени меморандуми за соработка во сферата на финансиската едукација

Македонската банкарска асоцијација денес склучи меморандуми за соработка со Министерството за образование и наука, Народната банка на Република Македонија и Комисијата за хартии од вредност на Република Македонија. Меморандумите главно се однесуваат на соработката во сферата на финансиската едукација на младата популација, како и на други прашања сврзани со финансиската писменост на населението.

Во рамки на оваа соработка, Македонската банкарска асоцијација и трите институции со кои денес беа склучени меморандуми за соработка, за првпат во нашава земја ќе го организираат „Европскиот квиз на парите“, којшто е проект на Европската банкарска федерација, наменет за финансиска едукација на младите. Со тоа, Република Македонија се вклучува во второто издание на овој квиз, чија основна цел е финансиска едукација на учениците на возраст од тринаесет до петнаесет години. Се очекува дека во квизот ќе учествуваат над четириесет илјади ученици од дваесет и пет европски земји.

„Европскиот квиз на парите“ се одвива во две фази – првата се националните натпревари во секоја земја поединечно, а втората е европското финале. Националниот натпревар во Република Македонија ќе се одржи на 27 март 2019 година, во рамки на Европската недела на парите. Најдобрите двајца ученици ќе ја претставуваат нашата земја на финалето коешто ќе се одржи на 7 мај 2019 година во Брисел, Белгија. Организацијата на овој настан во нашата земја ќе придонесе за поголема ангажираност на младите во доменот на финансиската едукација и за збогатување на нивните знаења од сферата на финансиите.

previous arrow
next arrow
ArrowArrow
Slider
niksa

About niksa