Македонската банкарска асоцијација ги награди најдобрите

Во својата премиерна година на егзистирање, Македонската банкарска асоцијација, по повод Светскиот ден на штедењето 31 октомври, ги награди најдобрите банкарски службеници во земјата. На пригодна свеченост, 38 банкарски службеници, од 15 банки и 2 штедилници, и од две финансиски институции, добија признание за нивната работа, награда за нивниот труд, дотолку повредна бидејќи е изнедрена од оценките на нивните непосредни соработници.

На пригодната свеченост, на која присуствуваа министерот за финансии Драган Тевдовски, гувернерот на Народната банка на РМ Анита Ангеловска – Бежовска, вицегувернерот Емилија Нацевска и банкарскиот врв во земјава, претседателот на Македонската банкарска асоцијација Коста Митровски, поздравувајќи ги присутните и честитајќи го празничниот ден, истакна:

– Штедачите од нас бараат парите да им се сигурни, стабилни, да ја добиваат договорената камата, да можат, кога ќе им притребаат, во секое време да им се на располагање, и ние тоа како банкари, како банки им го гарантираме и сега и во иднина. Зошто? Затоа што имаме стабилни банки, стабилен банкарски систем со висока ликвидност, високо ниво на капитализираност, управни одбори составени од професионалци со долгогодишно искуство во нивното управување, профитабилен банкарски сектор, кој сите треба да нè радува, затоа што само таков тој е гарант за успешност на сите економски текови во нашето општество.

Митровски потенцираше и дека една од основните задачи на Македонската банкарска асоцијација е едукацијата на младите за значењето на штедењето врз економските движења.

Напоменувајќи дека економските текови во државата имаат нагорна линија и дека Светскиот ден на штедењето го дочекуваме со високо ниво на штедни влогови од 345 милијарди денари или 5,6 милијарди евра, министерот Тевдовски ги повика банкарите да го следат овој тренд:

– Ја користам оваа пригода да ги повикам банкарите да ги поддржат проектите на компаниите и во овој период да пласираат што повеќе средства во стопанството и во одржливи проекти важни за економијата, акцентирајќи го значењето на штедењето во економските текови.

Гувернерот на Народната банка на РМ Анита Ангеловска – Бежовска потврди дека македонските граѓани имаат голема доверба во банкарскиот сектор, што во целиот период остана здрав, стабилен, висококапитализиран и ликвиден, покажувајќи висока способност за успешно справување со шокови, но и дека:

– И покрај позитивните поместувања, стапката на домашно штедење во македонската економија и натаму е под просекот и меѓу пониските стапки во земјите од Централна и Југоисточна Европа. Неопходен е активен придонес од сите засегнати страни. За банките тоа значи постојано унапредување на понудата на штедни производи што ќе бидат ценовно конкурентни, но и приспособени на потребите на обичниот штедач и во чекор со предизвиците на современото време.

Македонската банкарска асоцијација веќе шест месеци работи како самостоен правен субјект, по терк на европските сродни еснафски здруженија, како членка на Европската банкарска федерација.

previous arrow
next arrow
ArrowArrow
Slider
niksa

About niksa